Ученици Албанци од Велес сè уште не одат на настава

Шеснаесетте ученици Албанци од Велес се во пинг-понг игра меѓу гимназијата „Кочо Рацин“, општина Велес и Министерството за образование. Институциите се караат кој одбива да ги прими на училиште, се жалат родителите. Тие алармираат дека и денеска децата не биле на настава и покрај тоа што неколку часа биле во гимназијата.
„Денеска децата беа таму, чекаа надвор, по два часа ги повикаа внатре и им рекоа дека џабе стојат надвор кога нема писмо од Министерството за образование. Кога ќе стигнело писмото од Министерството за образование, ќе им се јавеле. Не знам веќе кому да му верувам? Ниту на оние во Скопје, ниту во Велес. Сè испадна дека е лага. Прво беше речено за денес, една недела ништо не беше направено. Децата чекаат, но веќе во ништо не верувам. Кога ќе има некој резултат ќе видиме“, рече Реџеп Зеќири, родител.
Министерот за образование Јетон Шаќири тврди дека може да ѝ ги одземе ингеренциите на општина Велес доколку продолжи да не ја спроведува одлуката на Министерството за прием на учениците во гимназијата. Шаќири очекува утре челниците на надлежните институции да дадат отчет за случајот.
„Нема да се двоумам, а за овој случај утре се повикани на средба поради тоа што ќе треба да се реши по секоја цена. Во спротивно ќе се постапи исто како и со другото училиште во Велес, да не зборуваме за случајот со Тетово. Една од причините за непреземањето на обврските во оваа ситуација за која зборуваме е затоа што од сите комуникации што ги имаме ќе мора некој да се ангажира за да го реши конкретниот проблем во Велес“, рече Шаќири.
Пред велешката гимназија „Кочо Рацин“ веќе неколку дена има протести затоа што не се отвора втора паралелка за настава по албански јазик за 16 ученици од прва година. Во ова училиште од прв до четврт клас во настава на албански јазик учат повеќе од 80 ученици Албанци. Но, најголем дел од предметите ги учат на македонски.
Мелихате Рустеми