Учениците Албанци од Идризово ќе учат во Чаир

Од следната недела, 13-те деца Албанци од Идризово кои сè уште не ја започнале учебната година, ќе учат во едно од училиштата во општина Чаир. Таму ќе останат сè до евентуално отворањето на албанската паралелка за шесто одделение во основното училиште „Његош“ општина Гази Баба. Оваа одлука денеска ја соопшти министерот за образование Јетон Шаќири, по средбата со родителите и учениците од Идризово, додавајќи дека ја започнал постапка за одземање на надлежностите на општината за училиштето „Његош“.
„Целосно ги одземам надлежностите за конкретното училиште. Како поради именувањето на директорот, така и поради префрлањето на платите и секој друг механизам кој општината може да го има за да го блокира училиштето за именувањето на директорот и сите законски овластувања кои произлегуваат од директорот“, рече Шаќири.
Во текот на денов родителите и децата се обидоа да влезат во училиштето за да докажат дека има доволно простор за настава и за албанска паралелка за шесто одделение.
„Зборував со директорката, ми рече дека можат слободно да влезат, но децата да учат на македонски. Штом пристигнавме тука вратата беше затворена, всушност и на македонски јазик не сме добредојдени во ова училиште. Политиката настрана, далеку од нашите деца. Политика на друго место, кај децата нема политика…“
„Училишната зграда не е приватна сопственост, туку е државен објект кој е финансиран од државата дури и со даноците на Албанците кои се дадени во буџетот…“
„Без оглед на албански или македонски јазик, срамота е вратата да ни биде затворена. Кога ќе дојде време да гласаме, се извинувам, ништо од нас“, реагираат рофителите.
Директорката на училиштето „Његош“, одби да зборува пред камерите. Телефонски ни рече дека на учениците не им е дозволено да влезат во училиштето бидејќи нивната смена е од 7.30 часот наутро, а не во 12 часот.
Мелихате Рустеми