Учениците од други општини кои учат во Чаир од понеделник без превоз

Општина Чаир од понеделник ќе го стопира јавниот превоз за учениците од Визбегово и од другите населби кои не припаѓаат на оваа општина, а учат во училиштата во Чаир. Градоначалникот на општината, Висар Ганиу соопшти дека ваквата одлука доаѓа како резултат на економската и енергетската криза како и поради непочитување на договорот за превоз на ученици од Визбегово од страна на општина Бутел.
„Над 6 милиони денари за една година плаќаме за школувањето на овие ученици, поточно за нивен превоз. Последнава недела бевме под постојан притисок од Јавното сообраќајно претпријатие и со право. Тие од нас бараат плаќање на превозот на децата од населбата Визбегово, општина Бутел, со која општина потпишавме договор пред една година. Но, општина Бутел не се придржува до овој договор и не изврши никаква исплата за ЈСП. Затоа, како резултат на нашите континуирани барања до ЈСП, тие не го прекинаа превозот, но веќе е премногу. Така, од понеделник учениците од Визбегово кои учат во училиштата во Чаир повеќе нема да имаат превоз од страна на ЈСП“, рече Ганиу.
Градоначалникот на Бутел признава дека имаат многу долгови кон ЈСП, но според него, тие ќе се плаќаат на рати, па не би требало да дојде до прекинот на превозот за учениците од Визбегово.
Поради немање училиште во Визбегово, над 170 ученици од оваа населба во Бутел настава следат во речиси сите основни училишта во Чаир. За да стигнат до училиштата „7 Март“, „Исмаил Ќемали“ и другите училишта во општина Чаир, учениците се принудени да пешачат по 4 километри или да плаќаат такси од по 200 денари во еден правец.
Мелихате Рустеми