ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Училиштата и градинките утре на штрајк

Воспитно-образовниот процес утре нема да се спроведува во градинките и училиштата поради почетокот на генералниот штрајк во организација на СОНК. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков рече дека штрајкот ќе трае се додека не се најде заемно прифатливо решение. Синдикатот бара зголемување на платите за 18,4% и спроведување на Колективниот договор.

Advertisements

Како што рекоа од СОНК, во последниот период се зголемени притисоците, особено врз вработените во градинки, кои, како што рече Неделков од различни причини се принудени утре да бидат на своите работни места и да функционираат и работат како да нема штрајк. Адвокатката на СОНК, Верица Арсова, во меѓувреме ги повика директорите на градинките и училиштата да не го попречуваат штрајкот, во спротивно ќе бидат поднесени кривични пријави.

Премиерот Димитар Ковачевски ги повика вработените во градинките и образованието да ги стават интересите на децата на прво место и да се грижат да не се наруши воспитно-образовниот процес. Тој додаде дека социјалниот дијалог е единствениот начин да се дојде до заеднички решенија. Според Ковачевски, Владата треба одговорно да управува со буџетот и да се грижи за економијата, а не да ја зголемува инфлацијата.

Претходно Министерството за образование и наука соопшти дека не треба да има прекин на наставата и дека училишните органи имаат законска должност да го организираат образовниот процес. И Министерството за труд и социјална политика соопшти дека и покрај штрајкот, вработените во предучилишните установи се обврзани да обезбедуваат непречено згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст. /Алсат.мк

Мелихате Рустеми

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button