Училиштата на маки со греењето, општините бараат помош од Владата
Училиштата на маки со греењето, општините бараат помош од Владата

Додека министерот за образование, Јетон Шаќири вели дека училиштата треба добро да менаџираат со парите што ги имаат, градоначалниците и понатаму тврдат дека без дополнителни средства и нови субвенции, училиштата нема да бидат во можност да ја пребродат претстојната зима. Најголем проблем се високите сметки за струја и за греење.
„Неопходна ќе биде помошта на Владата во реализација на грејната сезона. Блок-дотациите не се доволни за основното образование во Битола. Доплаќаме огромни суми и тоа ќе треба Владата сериозно да размисли за таква помош“, рече Тони Коњаноски-градоначалник на Битола.
„Ќе биде потешка зимата, не е тоа спорно. На сите ни е јасно дека имаме сериозни проблеми во однос на цената на струјата. Секако дека треба зголемување на блок-дотациите по однос на електричната енергија“, рече Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.
„Имаме и таква состојба, каде во одредени општини имаме неискористени блок дотации кои се за основно и средно образование. За да работиме во училиштата со физичко присуство, предуслов е и одговорното работење во делот на добро менаџирање на енергетските потреби. Ја разгледуваме можноста, во општините каде не се употребени дел од буџетските средства, да се интервенира во овој период. Ние ќе го дадеме максимумот“, изјави Јетон Шаќири-министер за образование.
Инаку, општините од Полошкиот регион веќе побараа зимскиот распуст да трае два месеца или наставата да се спроведува преку интернет односно „онлајн“.
„…Кога ќе дојде одреден период може да го рационализираме и делот во училиштата каде има помал број на деца, да ги реорганизираме. Но, не се исклучува и втората опција? Сега затоа не можеме да зборуваме, но до крај на оваа учебна година, јас ја отфрлувам таа онлајн настава“, додаде тој.
На само неколку дена пред официјалниот почеток на грејната сезона, многу училишта низ државата не можат да изберат фирма која ќе ги снабдува со струја, дрва или пелети. Поради тоа јавните тендери се повторуваат и по неколку пати./Alsat.mk
Мики Трајковски