
За шест месеци годинава инспекторите за труд затекнале 148 непријавени работници, а ланската цела година наишле на 33 такви случаи. Инспекторите велат најмногу непочитувања на Законот за работни односи има во угостителството и градежниот сектор. Прекршување на правилата има и кај вработените кои се пријавени на половина работно време.
„При контролите коишто ги прават инспекторите секогаш се гледа евиденцијата на работното време и договорот за вработување, во кој треба да стои дали работникот е ангажиран на цело работно време од осум часа или на пола работно време односно четири часа“, рече Јована Тренчевска, директорка на Државниот инспекторат за труд.
Синдикатот е дециден, мора веќе еднаш да се стави крај на праксата која ја имаат дел од работодавачите, во компаниите да има работници кои не се пријавени. ССМ нуди правна заштита и ги охрабрува работниците да пријават доколку газдата не сака да им плаќа придонеси.
„Неформалното вработување учествува со 13,5 отсто од вкупното вработување во нашата земја. Неформалното вработување има негативни последици на економијата, за работните услови воопшто и за процесот на креирање на сите политики во државата“, рече Дарко Димовски, Претседател на ССМ.
Од Организацијата на работодавачи ги осудуваат своите колеги кои ги прекршуваат прават на работниците. На работодавачите на располагање им се и ваучери со кои ќе може да ги пријавуваат сезонските работници или оние кои ги ангажираат само на еден ден. На тој начин работникот ќе биде исплатен во целост, данокот ќе биде платен навремено, а и работодавачот не треба да стравува дека државата ќе го фати како работи на црно.
Иле Петревски