УХМР: До крајот на денот снежна покривка насекаде, од четврток постепено затоплување

Времето денеска ќе биде облачно, студено и ветровито со врнежи од снег, пообилни попладне и во текот на ноќта, особено во југозападните и западните делови. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Максималната температура насекаде ќе се задржи негативна, во интервал од -7 до -1 степен Целзиусов.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), до крајот на денот насекаде ќе се формира снежна покривка, во источните делови до 10 сантиметри, а на запад во пониските подрачја меѓу 20 и 30 сантиметри. На планините на северозапад постојната снежна покривка ќе се зголеми за нови 20 до 30 сантиметри снег.
Времето во Скопје ќе биде облачно, студено и ветровито, од пладне со врнежи од снег, кои ќе продолжат и преку ноќта кога ќе се интензивираат. До крајот на денот ќе се формира снежна покривка. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер, а максималната температура ќе достигне до -2 степени.
Од УХМР најавуваат дека следува период на многу студено време со значително потпросечни температури и со умерен до засилен северен ветер.