УЈП ќе ги блокира сметките на компаниите кои нема да платат солидарен данок

На 24 ноември ќе им бидат блокирани сметките на компаниите кои дотогаш не го платиле данокот на солидарност, кој оваа година беше воведен како еднократен и кризен, предупреди директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска на денешната прес-конференција на презентацијата по повод највисоките приходи, согласно Годишната даночна пријава УЈП.
„Согласно нашиот календар, на 6 ноември ќе ги доставиме опомените. Доколку и по тоа нема направено уплата, на 24 ноември ќе пристапиме кон блокирање на нивните сметки“, рече Лукаревска.
Директорката на УЈП нагласи дека една компанија може да го одложи плаќањето до крајот на годината, но со банкарска гаранција или со залог на движен и недвижен имот.
Таа додаде дека досега се собрани 2,21 милијарди денари од данокот на солидарност, или околу 36 милиони евра, но 50-тина компании, од вкупно 150 обврзници, се уште го немаат подмирено овој данок.
Лукаревска додаде дека меѓу оние кои немаат платено има и јавни претпријатија.