УКИМ бара матурантите да пополнат изјава со кривична одговорност

Сите матуранти кои сакаат да аплицираат за студирање на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, не смее да се пријавиле на ниту еден друг универзитет во земјата или странство. За ова, апликантите треба да достават писмена изјава во која е нагласено дека може да сносат материјална и кривична одговорност. Оваа изјава загрижи некои идни студенти и нивните родители.
Во изјавата која апликантите за упис мора да ја потпишат, стои:
„…под морална, материјална и кривична одговорност изјавувам дека немам поднесено документи и не сум конкурирал за упис на друг универзитет во земјата или странство.“
Покрај оваа изјава, идните студенти, особено оние на Архитектонскиот факултет на УКИМ во Скопје, мора да потпишат и изјава со која им се ограничува временското право за повлекување на поднесените документи.
„Изјавувам дека доколку се запишам на факултет нема да ги барам оригинални документи (свидетелствата) најмалку три месеци.“
Од просветниот инспекторат велат дека не се информирани оти Универзитетот и Архитектонскиот факултет бараат од апликантите за упис да ги потпишат горенаведените изјави. Велат и дека вакви изјави не се ни бараат во Законот за високо образование, па утре ќе извршат инспекција.
„Во Законот за високо образование и во конкурсот што го објави универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ за пријавување студенти во прва година за учебната 2022/’23 година, не постојат одредби со кои студентите можат да се обврзат во текот на уписот да пополнуваат изјави за неповлекување на документите во рок од три месеци, како и изјава дека не конкурирале на друг универзитет. Иако, во Државниот просветен инспекторат не пристигнале слични поплаки, ние како инспекторат врз основа на информирање од ваша страна, одредивме инспекција за утре со цел процесирање на случајот“, велат од Просветниот инспекторат.
Инаку, во членот 27 од Законот за високо образование стои дека студентот има право истовремено да студира на повеќе студиски програми од различни специјализации и да учи различни предмети.
Мефаил Исмаили