Уметниците и албанските партии на власт реагираа на злоупотребите во Тетовскиот театар

Обвинението за проневера при изградбата на зградата на Тетовскиот театар, со штета од над 13 милиони евра, уште еднаш докажува зошто не завршија проектите иницирани од ДУИ. Ова беше прва реакција на ВЛЕН за случувањата во Тетовскиот театар.
„Порачуваме воопшто да не ве чуди тоа што ќе го слушнете во иднина, бидејќи секој криминал и корупција на претходната власт го истражуваме со целосна свест и максимална професионалност. Овој свеж случај на корупција ни дава најцелосен одговор на нашите и на прашањата на граѓаните зошто не завршија проектите што ги започна ДУИ“, рече Луле Ќазими, ВЛЕН.
Реагираше и првиот човек на Тетово, Билал Касами. Тој рече дека последниот случај со зградата на Тетовскиот театар и библиотека е доказ дека ДУИ е корумпирана до срж.
„За само 10 дена над 27 милиони евра беа злоупотребени од поранешната влада ДУИ-СДСМ. Последниот случај со Тетовскиот театар и библиотека каде се злоупотребени над 13 милиони евра е доказ дека ДУИ е корумпирана до срж. Се ближи крајот на крадците и тие сега ќе се соочат со правдата, а како никогаш досега ќе ја добијат заслужената казна за направените постапки во минатото! ВЛЕН ќе им го врати достоинството на граѓаните погазени од ДУИ. Крадците завршуваат во затвор, вели Касами.
Реагираше и директорот на Тетовскиот театар Хасим Мемиши и еден од најгласните актери на Театарот, Музафер Етеми.
„Со нетрпение чекавме овој објект што поскоро да биде завршен бидејќи требаше да биде готов во 2018 година, додека сега сме во 2024 година и објектот е се уште недовршен. Посакувам надлежните луѓе што поскоро да го решат овој проблем и надлежните органи да си ја завршат работата за одговорните да ја добијат казната за предизвикување на проблемот“, изјави Мемиши.
„Ова не е изненадување, ако го имате објектот таму и неговата изградба не е завршена десет години, знаете дека нешто не е во ред. Работите се кажани елоквентно и сега не се обвинети само тие. Тука има поголем синџир. Потпишувањето документи вредни милиони и никој не знае за тоа е апсурдно. За жал, сега разбрав дека политичките партии или групи не се организираат за доброто на граѓаните, туку за манипулирање и крадење и тоа е наша несреќа. Правдата мора да го даде вистинскиот збор, а парите да се вратат кога ќе заврши театарот“, рече Музафер Етеми, актер.
Според Обвинителството, нанесената штета на зградата на Тетовскиот театар изнесува повеќе од 13 милиони евра.
Башким Сулејмани