МАКЕДОНИЈА
Унапредените обвинители потпишаа свечени изјави за новите позиции

Шест од вкупно седум обвинители кои пред два дена беа избрани за позиции во републичкото Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска дадоа заклетва и потпишаа свечена изјава, со што и официјално се назначени на новите работни места.
Пред Советот на јавни обвинители денеска заклетва дадоа Елвин Вели и Наталија Тасевска, кои на седница во вторникот беа унапредени и избрани за обвинители во републичкото обвинителство. Досега тие беа дел од тимот на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје.
За чесно вршење на функцијата денеска се заколнаа и Артан Ајро и Наташа Гаџоска со што и официјално станаа виши обвинители. Ајро досега беше дел од ОЈО ГОКК, а Гаџоска работеше во Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје.
Свечена изјава потпишаа и две обвинителки на кои Советот им даде мандат да гонат организиран криминал и корупција. Една од нив е Милица Гаврилова која и досега беше дел од ОЈО ГОКК, додека втората е Оливера Проеска за која изборот значеше унапредување со оглед дека досега работеше во Основното јавно обвинителство во Охрид.
Единствена која денеска не даде заклетва, а беше унапредена во петокот, е обвинителката Верица Бержецка-Крстева, која од ОЈО Скопје се вели во ОЈО ГОКК. Причината за тоа што денеска не дојде на потпишувањето свечени изјави е што била на пат.