Универзитетски професори гледаат „тотален хаос“ во високото образование во земјава

По скандалот со плагијатите на Универзитетот во Тетово, универзитетски професори за Алсат потврдуваат дека овој феномен зема замав во целата земја, но и кај најблиските соседи, како што се Косово и Албанија. Плагијатот е легализиран и повеќето професори без критичко размислување и без совест не се срамат да го сторат тоа, вели професорот од Косово, Милазим Красниќи.
„Тоа е тотален хаос, каде измамниците имаат одличен терен за напредување во кариерата“, вели проф. Красниќи.
Според Красниќи, време е за образовни политики во согласност со потребите на пазарот.
„Обидот сите да изгледаат како научници е нешто што произведува плагијати бидејќи не секој има можност да биде истражувач и научник. Нормално, помага и индустријата за списанија, која стана еден вид академски империјализам, бидејќи тие се големите списанија каде се издава со пари, каде квантитетот ја одредува динамиката и статусот, а не квалитетот“, додава Красниќи.
Професорот Илија Ацески смета дека случајот со професорските плагијати на Тетовскиот Универзитет е само врв на сантата мраз што се случува во високото образование. Според него, најмалку 30% од професорите добиваат научни звања засновани на неквалитетни трудови. Ацески препорачува да се формира Комисија, како во Косово, која ќе направи објективна проценка, а потоа ќе ги спречи студентите од неквалитетните универзитети да се вработуваат во државните институции.
Министерството за образование тврди дека квалитетот на високообразовните институции ќе се подобрувал преку специјални тела, како што е Националниот совет, кој според ова министерство, ќе се формира многу брзо и преку Агенција за квалитет на високото образование.
„Ние мора да работиме во оваа насока, да ја зголемиме автономијата на Агенцијата која се занимава и ќе се занимава со анализа на квалитетот на високото образование. Исто така, треба да напоменам дека во моментов група експерти подготвуваат нов закон за научно истражување“, рече Арафат Шабани, Заменик-министер за образование.
Директорот на Агенцијата за квалитет на високото образование, Агим Рушити, за Алсат изјави дека пандемијата го оневозможила нормалното функционирање на двата одбора на агенцијата, за акредитација и одборот за евалуација.
Анеса Салиху