Употреба на (Северна) Македонија – што предвидува Преспанскиот договор

Инаугурацијата на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова во Собранието на 12 мај предизвика бранувања за употребата на уставното име на земјата согласно Договорот од Преспа.
Ако се земат реакциите од соседна Грција, меѓународната заедница, како и ставот од Кабинетот на Сиљановска Давкова, сите се согласни за официјалната примена на уставното име, а помалку согласни за другите употреби на придавката, вклучително и употребата на придавката во однос на приватни ентитети и актери.
По укажувањата од ЕУ и Грција дека „Европскиот пат и односите со Грција зависат од спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име“ од Кабинетот на Гордана Сиљановска Давкова пристигна став дека „Претседателката ќе се придржува до официјалната примена на уставното име“, а дека „во јавни настапи има лично право на самоопределување“.
– Во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име, се вели во соопштението од Кабинетот на Претседателката Сиљановска Давкова.
Одговор на ставот на претседателката стигна од министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетрити, кој вели дека „не се работи за прашање на самоопределување на функционерите, политичарите, ова сите го сфаќаме, туку се работи за почитување на договореното“.
-Името Република Северна Македонија во Договорот од Преспа, согласно член 20, не може под никоја околност да се измени. Прашањето за името не е од оние прашања што може да се изменат, дури ни со заемна согласност. Па така, никаде не се покренува прашање за измена. Онака како што е договорено од двете страни и е ратификувано, ги обврзува и денешниот грчки политики поредок и политичкиот поредок на Северна Македонија, објасни Герапетритис, во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.
Целиот текст на Договорот од Преспа може да се прочита ТУКА