
Повеќе од 15 илјади вработени во државната и судската управа нема да може да ја добијат зголемената минимална плата од 18 илјади денари. Синдикатот УПОЗ обвинува дека немаат контакт со Владата и на неколку дена од рокот за исплата на платите, потребните закони кои требало да се изменат, не се ни чепнати. Синдикалците веќе се свесни дека се далеку од најавеното скалесто зголемување на останатите плати и предупредуваат дека револтот кај судските службеници секојдневно расте.
„Наместо скалесто усогласување, вработените во управата и правосудството кои се над минималната плата ќе добијат од 600 до 900 денари плус. Ваквиот однос на Владата кон сопствените вработени е разочарувачки. Од наредниот месец платата во судската администрација ќе доцни или воопшто нема да се исплати со новата вредност на минимална плата“,, рече Трпе Деаноски претседател на УПОЗ.
Владата веќе има пракса со која го прекршува Законот за минимална плата која таа самата го носи. И досега илјадници вработени под државна капа не ја добиваат законски утврдената сума која изнесуваше 15 илјади денари. Податоците се поразителни и велат дека 50 отсто од административците имаат минимални примања или се под минималецот.
„Ќе има уште еден парадокс сега, доколку не се измени Законот за плати, референтот ќе има поголема плата од курирот и од портирот. Тие се под Закон за работни односи и таму е изгласана минималната плата од 18 илјади денари, додека сите референти ќе имаат стартна основа помала од помошно техничкиот персонал“, рече Љубиша Јовановски, вработен во Катастар на недвижности.
Алсат побара одговори од Владата, кои се причините што не се менуваат законите потребни за подобрување на финансиската состојба на државните службеници, но од Илинденска број два молк. Од УПОЗ ги повикаа службениците дека наскоро од нив ќе побараат да стапат во штрајк на работното место, а доколку продолжи игнорантскиот однос на Владата кон нив, ќе следува масовен протест.
Иле Петревски