

Alsat
27.08.2020 15:14
Ураганот „Лаура“ во Мексиканскиот Залив се претвори во опасна бура од четврта категорија и се движи во правец на американските држави Тексас и Луизијана. Американскиот Национален центар за урагани соопшти дека епицентарот на невремето е неколку милји од пристаништето Артур во Тексас, и дека веќе предизвика ветрови до 240 км на час. Центарот соопшти дека невремето е „исклучително опасно“ и предвидува пораст на нивото на водата за повеќе од шест метри. „Лаура“ се појави во доцните часови од средата според локалното време, како најмоќен ураган што ги погоди САД последните неколку години. Гувернерите на Тексас и Луизијана издадоа наредби за евакуација на повеќе од 500.000 жители.