ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Уште 8 дена „замрзнати“ цени во маркетите, а после тоа?!

За помалку од десет дена престанува да важи одлуката за замрзнување на цените на дел од основните прехранбени производи. Државниот пазарен инспекторат досега извршил над 500 контроли кај трговците, при што изрекол две парични казни за непочитување на оваа одлука. Мал е бројот на граѓани кои пријавиле дека цените и покрај замрзнувањето, се покачени од страна на трговците, вели директорката на пазарен инспекторат, Анета Симеска.

Advertisements

„Во овој период во коишто ги контролираме цените со денот на замрзнувањето на први декември, констатирани се два прекршоци за кои се издадени платни налози. Околу десетина пријави од граѓани за сомневање дека не се почитуваат замрзнатите цени во неколку маркети во Скопје, државните инспекторати постапија по пријавите и констатирано е дека пријавите се неосновани, односно дека нема непочитување на мерката“, вели Анета Симеска Димоска, Директорка на Пазарен инспекторат.

Од Организацијата на потрошувачи велат дека досега никој не им пријавил неправилности. Тие апелираат уште сега Владата да анализира дали треба мерката да продолжи.

„…Со оглед на цените на светско ниво, властите уште сега треба да размислуваат дали оваа мерка треба да продолжи и по 31 јануари или да се примени нов модел, односно наместо цените, да се замрзнат маржите, за да се избегне евентуален ценовен шок“, велат од Организацијата на потрошувачи.

Владата со одлука ги замрзна цените на месото, млечните производи, маслото, брашното, лебот и шеќерот на први декември претходната година, поради бранот поскапувања и најавите дека е можен ценовен шок. Засега нема конкретен став од Владата дали оваа мерка би можела да продолжи. Допрва ќе анализирале.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button