ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Уште го чекаме Законот против нефер трговски практики

Предлог-законот за спречување на нефер трговски практики и натаму останува во административните лавиринти. Доколку не биде изгласан во Собранието до 31 декември, надлежните се должни да продолжат со мерките за замрзнување на цените на прехранбените производи и безалкохолните пијалоци. Тоа значи дека граѓаните ќе купуваат по загарантирани цени и во јануари 2024 година, но цените на овошјето и зеленчукот на зелените пазари остануваат без никаква контрола бидејќи државата не успеа да ги ограничи преку овие одлуки. Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека трговците кои продаваат по пазарите немаат фискални каси и манипулираат со цените на овошјето и зеленчукот, но вети дека со новиот закон тоа ќе заврши.

Advertisements

Додека производителите и трговците меѓусебно се критикуваат кој заработува повеќе, а кој помалку, граѓаните плаќаат скапо за основните производи. Од стопанските комори велат дека главната забелешка што ја дале во предлог-законот за спречување на нефер трговски практики е дека производителите имаат вртоглави трошоци, а едвај успеваат да заработат 3%. Во исто време трговците кои ги откупуваат производите и ги препродаваат на пазарите имаат профит и до 30%. Овој длабок јаз се очекуваше да се нормализира токму преку споменатиот зкаон и тоа преку воведување на максимална стапка на профит од 10% за секој од актерите во синџирот на слободниот пазар.

„Нето-добивката на сите производители претставува 2-3-4% во завршната сметка во последните години. Но, за да ги продаваат овие производи, зборуваме за земјоделци и производители на храна, во маркетите бараат 25-30-35% од вкупниот приход. Оценуваме дека ова е голема неправда! Не само што е неправедно, туку ги туркаат производителите до границата на постоењето, на опстанокот, а трговците го земаат колачот“, рекоа од Стопанската комора.

Иако до крајот на годинава остануваат неполни две недели, до Владата сè уште не е доставен конечниот предлог-закон. Од Министерството за економија велат дека до следниот петок тој ќе добие зелено светло од Владата и потоа со европско знаменце ќе биде доставен во собраниска процедура. За неа потоа тврдат дека ќе помине за две недели. Но, во истиот период Собранието треба да расправа и за буџетот за следната година, така што останува нејасно како ќе се успее во намерата сè да се изгласа навреме.

Аднан Ќаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button