ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

„Уште колку имот крие Артан Груби позади други лица?“

И Владата денеска реагираше за палењето на автомобилот што го користел Артан Груби. Случајот го опиша како чин на насилство врз вицепремиерот. Од Владата велат дека безбедноста е главен приоритет во едно демократско општество, па затоа институциите дејствуваат брзо.

Advertisements

„Владата го осудува чинот на палење на возилото што го користеше првиот потпретседател на Владата, Артан Груби и го смета за целосно неприфатлив и недозволен чин на насилство во едно демократско општество посветено на европските вредности. Сите надлежни институции, истражни и правосудни органи во рамките на своите надлежности постапуваат без одлагање, одлучно и професионално за целосно расчистување на овој случај во најбрз можен рок“, велат од Владата.

Но, опозицијата има друго барање. Инсистираат институциите да го истражат целиот имот на Артан Груби. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Јавното обвинителство треба да истражи зошто Груби не го пријавил овој автомобил кој чини околу 80 илјади евра.

„Зошто Груби не го пријавил возилото што беше опожарено во својот анкетен список? Бараме Јавното обвинителство да отвори постапка за прикривање имот, евентуално прикривање данок и злоупотреба на положбата и службените овластувања, кој автомобилот за кој цела Влада кажа дека е негов, не го ставил во анкетниот лист и не го запишал на свое име“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од БЕСА велат дека Груби, Алијанса за Албанците и Владата не треба да глумат загриженост, туку треба да одговараат.

„Тоа што го има регистрирано својот луксузен автомобил на туѓо име, Артан Груби треба да каже уште колку други имоти сокрил на туѓо име, членови на неговото семејство и други луѓе од доверба. Доколку Груби не го направи ова, ги повикуваме надлежните институции како Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство да започнат истраги за Артан Груби врз основа на нивните овластувања“, велат од БЕСА.

Од Јавното Обвинителство Скопје велат дека веднаш по настанот дале наредба за брзо расчистување на случајот, но и за обезбедување податоци за начинот и времето на набавка, сопственоста и користењето на возилото.

„На надлежниот орган му е наложено да ја евидентира и следи имотната состојба на избраните и именуваните лица. За проверка на податоците во изјавите за имотната состојба е надлежна Државната комисија за спречување на корупцијата. Доколку проверките доведат до елементи за кривично дело кое се гони по службена должност, Обвинителството ќе постапи согласно своите законски овластувања“, наведоа од Обвинителството.

Мефаил Исмаили

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button