Уште тројца од повредените во автобуската несреќа ќе бидат пренесени во земјава

Уште тројца од повредените македонски патници во автобуската несреќа во Бугарија се очекува да пристигнат денеска, откако двајца во саботата беа хоспитализирани во Универзитетскиот Клинички Центар „Мајка Тереза” во Скопје. Како што информираше министерот за здравство, Венко Филипче, двајцата се стабилни, со полесни повреди и ќе бидат задржани на лекување на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, пак, вчера изјави дека се очекува останките од телата на починатите да пристигнат оваа недела.
Хоспитализираните пациенти во Скопје се пациентка на 17 годишна возраст и пациент на 49 годишна возраст, повредени во автобуската несреќа што се случи на автопатот „Струма” во Република Бугарија при која преживеаја седуммина од вкупно 52 патници.