Уставен суд ќе ја почнe расправата за Законот за јазиците

Уставниот суд денеска ќе ја одржи 32-та седница на која меѓу точките на дневен ред се и иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците во однос на Указот за негово прогласување, на Законот во целина, како и одделно сите 25 членови на законот. ДУИ во пресрет на расправата започна со „стража за јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд, со што велат, застануваат во „одбрана на Законот за јазици“. Претседателката Гордана Сиљановска Давкова им порача на партиските лидери да се воздржуваат од коментари воочи одлуката на Уставниот суд по однос Законот за јазиците, а премиерот Христијан Мицкоски со порака до граѓаните да не потпаѓаат на провокации од ДУИ кои, вели, се однесуваат како политички глодари.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев како едни од тринаесетте подносители на Иницијативата за оценка на уставноста на Закон за употреба на јазиците, вчера на прес – конференција посочи дека има четири основи по кои овој закон мора да биде поништен од кои наведе два – Првиот е тоа што е пробиен преклузивниот рок за објава, односно не е испочитуван членот 52 од Уставот, што бара уставен рок од седум дена за објава, а овој закон бил објавен после една година, и вториот е што УКАЗОТ за прогласување на Законот, не бил потпишан од тогашниот претседател Ѓорге Иванов, за што вели има уставно-судска пракса.
Од Уставниот суд во пресрет на сдницата изјавија дека нема да коментираат ничии ставови поврзани со предметот за Законот за употреба на јазиците и најавија дека по завршувањето на седницата ќе се одржи редовна прес-конференција на која ќе биде одговорено на сите прашања.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски во интервју за МИА рече дека со Законот за јазиците политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултира со политички хаос, недоверба и дилеми.
– Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег, не за мудра, туку да донесе уставно-правно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи, не знам и не можам да знам и нема да коментирам, рече Костадиновски.
Костадиновски вели и дека е можно да се искористи алатка од новиот Акт на Уставниот суд, односно судиите да изразат сомнеж за уставноста на законот и да го пратат во Собранието на доработка.