Уставниот суд чека судии, партиите се обвинуваат за партизација

Уставен чека судии, а пратениците меѓусебно се кошкаат за кандидатите. ВМРО – ДПМНЕ побара кандидатите за уставни судии да се претстават пред Комисијата за избори и именувања, а потоа пратениците да им поставуваат прашања. Но, овој предлог на Антонио Милошоски од ВМРО – ДПМНЕ не беше поддржан од сите членови на Комисијата за избори и именувања. Според владејачкото мнозинство, деловникот не дозволува такво нешто.
Пред ова, СДСМ обвини дека ВМРО – ДПМНЕ си предлага свои блиски партиски луѓе. Оспорија неколку кандидати меѓу кои и Саво Климовски кој во времето на ВМРО на Љубчо Георгиевски беше спикер на Парламентот од 1998 до 2000 година. Држел и говори на протестите од иницијативата „За заедничка Македонија“ пред собранискиот упад од 27 април.
„Неговиот син Александар Климовски исто така бранител на режимот, денес е стратешки соработник на Христијан Мицкоски. Понатаму, ВМРО-ДПМНЕ ја предлага Родна Живковска, мајка на Иван Живкоски, некогашен партиски избран лидер на студентите, денес претседател на Совет на Општина Кисела…“, рече Фаница Николоска, пратеничка на СДСМ.
„Излегувате на прес и сите по ред ги плукате кандидати на ВМРО – ДПМНЕ. Па, што ние да направиме за вашите тројца кандидати? Затоа нека дојдат тука и да одговорат, дали земале процент од НИКОБ или не земале? Дали сакале да се приватизира трансплантацијата или не? Затоа…“, рече Дафина Стојановска, пратеничка на ВМРО – ДПМНЕ.
Уставниот суд треба да има 9 судии, но со месеци има само 5. Поради тоа често пати нема можност да се носат одлуки. Собранието треба да избере тројца нови судии, но процедурата за нив трае повеќе од една година. Потоа дополнително ќе треба да се отвори постапка за уште еден судија.
Игор Стефановски