Уставниот суд ја укина Одлуката со која е одобрено основање на Приватното средно училиште „Медресеја Иса Беу“ во Кондово

Уставниот суд денеска ја укина Одлуката за давање одобрение за основање на Приватно средно училиште „Медресеја Иса Беу“ – скопското село Кондово, која е донесена од страна на Владата на 26 март 2024 година.
Судот оцени дека Одлука на Владата е незаконита и неуставна, бидејќи Владата дала согласност, односно дозволила Исламската верска заедница ИВЗ да биде основач на средно училиште – гимназија.
-Ова е во спротивност со членот 7 од Законот за средно образование кој забранува верско организирање и дејствување и истакнување на верски симболи во средните училишта. Исто така содржината на Одлуката не е во согласност со Амандманот VII од Уставот според кој верските заедници можат да основаат само верски училишта во кои се предава веронаука, односно се проповеда и изучува конкретна религија, се наведува во соопштението од Уставниот суд.
Според судијата-известител Ана Павловска-Данева, Уставниот суд со својата одлука донесена со мнозинство гласови и овој пат, како и во повеќе наврати претходно со своите одлуки донесени во различни судиски состави, застана на браникот на секуларноста на државата.