Уставниот суд на денешната седница ќе расправа за „балансерот“

Уставниот суд на денешната седница ќе расправа по предметот за „балансерот” – алатката за вработување според национална припадност во државните институции, кој е оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
– Оспорени се член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор преку вработување и на пријавата за вработување, како и формата, содржината и начинот на водење на регистарот на лица кои дале лажни податоци при вработување во јавен сектор, во делот „припадност на заедница“, информираат од Уставниот суд.
Според подносителот на иницијативата (ДКСК) со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.