Уставниот суд останува без уште еден судија

Шефицата на Уставниот суд, Добрила Кацарска, јавно апелираше до пратениците да изберат уставни судии. Иако Уставен треба да функционира со 9 судии, од средината на јануари ќе работи само со пет бидејќи во тој месец му завршува мандатот на еден од судиите. Во таков состав Уставен ќе може да закажува и да одржува седници, но ќе се соочува со реални проблеми.
„Проблемот е ако макар еден од судиите е спречен да присуствува на седницата во тој случај дури и закажаните седници ние ќе треба да ги одложиме. И секако проблем е носењето на одлуки. Значи, секогаш треба сите пет судии да бидеме едногласни, едногласно да се носат одлуките, а што ако барем еден судија има поинакво мислење од останатите четворицата судии?“, рече Добрила Кацарска, претседателка на Уставен суд.
За да се комплетира на уставниот суд му фалат уште четворица судии.
„Јас сум должна да ги известам за завршување на мандатот, а тие се должни да ги изберат судиите. При комуникација со нив, постојано ми кажуваат дека што поскоро ќе бидат избрани судиите… Имам чувство како Собранието сака да го игнорира Уставниот суд….“, додава Кацарска.
Актуелно во Уставен има 11 предмети во фиока токму поради нецелосниот број судии. Нови судии евентуално најрано би се избрале кон крајот на јануари или почетокот на февруари. Прво треба да се формира новата Влада, па претседател на Комисијата за избори и именувања.
Игор Стефановски