Уставниот суд поведе постапка за балансерот

Уставниот суд одлучи да поведе постапка и да отвори предмети за иницијативата со која се оспоруваат одредбите поврзани со правичната етничка застапеност во институциите. Постапката ќе опфати преиспитување на уставноста на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Уредбата на јавните конкурси и Методологијата за планирање на вработувањето во јавниот сектор согласно начелото на соодветна и правична застапеност.
Одлуката беше донесена по долга расправа меѓу уставните судии, кои имаа различни мислења. Во дискусиите се изјаснија против тројца судии, Осман Кадриу, Насер Ајдари и Фатмир Скендер. Кадриу истакна дека етничката припадност како елемент за правична застапеност е во Уставот како резултат на Охридскиот договор. Правичната етничка застапеност, според судијата Кадриу, претставува најсовршена демократија, а со неа не се суспендираат условите и другите квалификации за време на вработувањето. Тој рече дека принципот на правична застапеност се применува, не само во администрацијата, и во изборот на функционери, туку и при изборот на судии. Укинувањето, додаде Кадриу, ќе ги суспендира правата на сите етникуми и ќе им наштети на правата на граѓаните. Судијката Добрила Кацарска беше за идејата да му се даде рок на Собранието да ги разгледа одредбите и да ги регулира на начин кој нема да претставува дискриминација.
Но, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, беше против овие идеи. Костадиновски смета дека не е работа на Уставниот суд да му сугерира на Собранието да ги уредува законите или да му кажува како да си ја врши работата. Тој вели дека со одредбите кои го регулираат вработувањето врз основа на етничка припадност се нарушуваат темелите на уставниот поредок со кој се гарантира слободата на изразување, и се нарушува уставниот принцип дека сите треба да бидат еднакви, без разлика на етничката припадност.
До конечната одлука, забранети се сите акти поврзани со оспорените членови и прописи, вклучително и вработувањето преку балансерот.
Фатлуме Дервиши