Уставните судии немаа мнозинство да одлучуваат за патните трошоци на пратениците

Уставните судии ќе почекаат Собранието да им избере нови колеги, па да одлучат дали да ги укинат или не, патните трошоци кои ги добиваат пратениците. Денеска Уставниот суд не донесе никаква одлука за иницијативата поднесена од партијата Левица со која се бара Уставен да ги укине патните трошоци за народните избраници. На денешната седница немаше мнозинство судии за каква било одлука ниту да се поведе постапка, ниту да се отфрли иницијативата поради различните ставови на судиите.
„Не може да се реши ова прашање со подзаконски акт, туку ова мора да се реши со Закон. Сметам дека Судот треба да поведе постапка, а не само да поведе постапка, туку и да се поништи“, рече Дарко Костадиновски, уставен судија.
Судијата Вангелина Маркудова која го реферираше предметот за патните трошоци на пратениците смета дека не треба уставните судии да поведат постапка. Според неа, со Закон се регулирани платите и патните трошоци на пратенциите, а Уставен уште во 2006 година не повел постапка за ваква иницијатива.
Пратениците добиваат по 20% од цената на гориво за литар по изминат километар за да стигнат на работа во Собранието. Ова е уредено со Одлука за надоместоците на пратениците. На приемр, од Охрид до Собранието има 172 километри. Ако горивото чини 80 денари по литар, Собранието на пратеник кој доаѓа од Охрид треба да му исплати по 16 денари за поминат еден километар или 2.752 денари.
Надоместоци за пратеници:
Добиваат 20% за литро гориво од поминат километар
Ако горивото е 80 денари пратеникот добива 16 денари за километар
За 172 километри им се даваат 2.752 денари
На пратениците исто така им се враќаат пари и од патарина. Па така од Охрид до Скопје има вкупно четири наплатни патарини. На автопатот Гостивар – Тетово две и уште две на автопатот Тетово – Скопје. Тие вкупно чинат 140 денари во еден правец. Еден пратеник ако патува од Охрид до Собранието, за патарините и за горивото треба да му се платат меѓу 2.700 и 3.000 денари во зависност од тоа дали вози на бензин или на дизел.
Цена на литар бензин: 82,5 денари:
На пратеник му се плаќаат 2.838 денар за изминати 172 километри
Цена на литар дизел: 74 денари
На пратеник му се плаќаат 2.545 денари за изминати 172 километри
Прашањето со исплатата на патните трошоци е проблематично во јавноста. Во новиот пратенички состав, 75 пратеници зеле вкупно 122.000 евра надомест за патни трошоци само за шест месеци.
Игор Стефановски