„Уставност на законот за јазици“, Мицкоски: И мене ми пречи Северна, но го почитувам Уставот

Можеби и мене ми е проблем да прифатам нешто што е направено во Уставот, но додека сум на функција ќе го почитувам македонскиот Устав, рече премиерот Христијан Мицкоски денеска, во одговор на новинарско прашање. Запрашан за коментар околу информациите за можна дестабилизација по најавите од Уставниот суд за проверка на уставноста на законот за употреба на јазиците, Мицкоски рече:
„Не верувам дека ќе има можности за било каква дестабилизација. Не очекувам било кој, што добива плата на грбот на граѓаните да не ги почитува македонските закони и македонскиот Устав…Можеби и мене ми претставува проблем нешто, коешто е направено изминатиот период со Уставот и колку и да не се согласувам интимно и сум против тоа, како што е користење на придавката Северна пред нашето име и коешто е дел од нашиот Устав, јас додека ја обавувам оваа функција ќе стојам пред тој знак затоа што не сакам на тој начин да го навредам македонскиот Устав и македонските закони“, рече Мицкоски.