
Пратениците на Народното собрание на Република Српска (РСС) синоќа го усвоија Нацртот на новиот Устав на РС, според кој овој ентитет на БиХ ќе се прогласи за држава, ќе има право на самоопределување, а Советот на народите на РС и потпретседателите на РС се укинуваат.
Според усвоениот нацрт, се укинува државјанството на Босна и Херцеговина и се споменува само ентитетско државјанство, а се занемарува можноста за влегување во воен сојуз со други држави, како и правото на конфедерација со друга држава.
Предвидено е повторно формирање на Армијата на РС, како и формирање на Високиот судски и обвинителски совет на РС, што би назначувал судии и обвинители во овој ентитет.
За усвојување на нацртот на новиот Устав на РС гласаа 50 пратеници од владејачката коалиција, од вкупно 58 присутни пратеници во собраниската сала при гласањето.