ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Усвојувањето на новиот Изборен законик нема да се реализира до јуни

Новиот Изборен законик нема да биде усвоен до јуни, како што е предвидено во агендата за реформи. Според министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ова се прави со цел да не се создаде конфузија пред изборите.

Advertisements

Муртезани додава дека за останатите реформски закони се очекува почитување на роковите.

„Она што засега е сигурно е дека новиот Изборен законик нема да може да се донесе во предвидениот рок, затоа што сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР се да не се прават изборни реформи пред избори, за да не се создаде забуна. Не сме сигурни ни дали ќе успееме да го донесеме Законот за Судскиот совет во рамките на тие рокови. Сепак, овие два чекори по својата природа се посложени, бараат поширок општествен и политички консензус и со самото тоа бараат повеќе време“, рече Муртезани.

Овие реформи се клучни за земјата да може да ги искористи средствата од Планот за раст во наредните четири години. Според Муртезани, одредени задоцнувања не се загрижувачки, бидејќи постои гратис период од 12 месеци во кој може да се завршат сите потребни промени.

„Нема ништо страшно доколку одредени реформи не се спроведат во предвидениот рок. Постои гратис период од 12 месеци во кој ќе имаме можност сè да завршиме“, додава Муртезани.

Муртезани учествуваше на првиот состанок на Консултативниот механизам за Реформската агенда, каде што истакна дека земјата веќе ги исполнила сите пет реформски чекори предвидени до февруари оваа година, по што е поднесено барање до Европската комисија за ослободување на над 17 милиони евра.

Ајнур Бафќари

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button