ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Утре пристигнуваат европските преговарачи за скринингот

Администрацијата, правосудството, јавните набавки и финансиската контрола се дел од областите кои први ќе се најдат на масата на преговори помеѓу македонските и експертите на ЕУ. В четврток започнува објаснувачкиот скрининг, преку анализа за усогласеноста на домашното и ЕУ-законодавството, во првиот кластер – фундаментални вредности.

Advertisements

Тимовите од двете страни се очекува брзо да ја завршат работата, бидејќи ваков објаснувачки скрининг се спроведуваше и во 2019-тата година кога земјава беше на чекор од отпочнување преговори, а сега останува да се разгледаат измените во законодавствата кои во меѓувреме стапиле на сила. Утре од Брисел пристигнуваат членовите на КОЕЛА – Работната група за проширување и преговори за членство.

„Ова е прва работна посета на COELA на земјава, која е како резултат на отворањето на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија во јули 2022 година… Посетата вклучува средби со претставници на министерствата и другите институции вклучени во таканаречениот „Кластер 1“ од преговорите за пристапување во ЕУ („Основи“)“, наведуваат од мисијата на ЕУ во Скопје.

По променетата методологија, на барање на Франција, значаен фокус ќе биде поставен и на борбата против корупцијата. На релација Скопје – Брисел зачестено ќе патуваат и претставници на Антикорупциската комисија, а според информациите, за овој прв кластер нивното мислење ќе биде чуено, меѓу другите, и за Законот за укажувачи.

Со цел ефикасно преговарање, експертска помош за македонските власти претходно официјално најавија Хрватска, Бугарија и Чешка. Последно ваква најава пристигна и од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, на денешната средба со премиерот Ковачевски во Атина.

„Ги даде на располагање капацитетите со коишто располага Грција во делот на европските интеграции, со оглед на тоа дека тие се една од постарите членки на Унијата, а секако дека секоја експертска помош којашто е на располагање, особено во регионот, ќе биде добредојдена на нашиот преговарачки тим и на нашите институции“, рече Ковачевски.

Скопје очекува скринингот да заврши за рекордно време, во споредба со претходните земји што преговарале, а Македонија преговорите да ги заврши до 2030-тата година и да се најде во првото наредно проширување на Унијата.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button