Утре во Тирана протести на албанската опозиција, ги води Сали Бериша

Утре се очекува да се одржи протестот кој го повика лидерот на албанската опозициска Демократска партија, Сали Бериша. Тој повика полицијата да не ги провоцира демонстрантите и да не врши притисок врз нив. Запрашан дали ќе се обиде насилно да влезе во зградата на Владата, Бериша рече дека сценаријата се јасни и доколку биде потребно, ќе ги следи демонстрантите.
„Ги предупредувам сите видови полиција дека секој притисок, секој став, секој обид за заплашување, насилство, опструирање на опозиционерите, ќе бидат регистрирани и ќе добијат заслужена лична законска казна. Предупредувам да не се провоцираат демонстрантите. Точно е дека горештините и температурите се високи, но внатрешните пориви на луѓето кои протестираат против овој режим се повисоки. Утре е голем ден, ден на инспирација. Опозицијата по толку години излегува на мегдан како вистинска опозиција. Рама е повикан да размисли за неговата оставка што е можно поскоро“, рече Бериша.