ВЕСТИМАКЕДОНИЈА
Утринава активни се седум од регистрираните 31 пожар на отворен простор

Центарот за управување со кризи утринава информира дека заклучно до седум часот на територија на цела држава активни се седум пожари, а два се локализирани. Според информациите на ЦУК, имало вкупно 31 пожар на отворен простор од кои 22 се изгаснати.
Активни остануваат пожарите кај селото Самоков и помеѓу селата Црешнево, Локвица и Слатин во општина Македонски Брод, потоа меѓу селата Блаце и Чучер во општина Чучер Сандево, кај селото Љубанци во општина Бутел, кај селото Николич во општина Дојран, како и пожарите под Солунска глава меѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина дупка и селото Крушевица во општина Кавадарци.
Локализирани се пожарите кај селото Рамне во општина Македонски Брод и кај Градската депонија во општина Делчево.