Утрово пријавен пожар кај село Градец, Кривопаланечко

Утрово околу 7 часот бил пријавен пожар на територијата на Општина Крива Паланка, кај селото Градец, каде, според информациите на Центарот за управување со кризи (ЦУК), гори сува трева и борова шума.
Според известувањето што стигнало до ЦУК од Регионалниот центар во Куманово, Територијалната противпожарна едница (ТППЕ) Крива Паланка со четири пожарникари и со едно противпожарно возило интервенира се справува со огнот кај селото Градец.
Од ЦУК апелираат до граѓаните да се воздржат од палење огнови на отворено и да не палат отпадоци дури и во нивните дворови, бидејќи ветерот многу лесно може огнот да го пренесе на околната вегетација која е многу сува и многу нарасната оваа година.
Инаку, според информациите од Центарот во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 33 пожари во 23 општини во земјава. Триесет од нив се изгаснати, а три сè уште се водат како активни до утрово.
Карактеристично за вчерашните пожари, како што информираат од ЦУК, е тоа што сите биле пријавени во попладневните часови.