Увид во супервештачењата за несреќата кај Ласкарци

Во Основниот Кривичен суд Скопје денеска во врска со расправата за случајот „Ласкарци“ е предвидено да се изврши увид во две супервештачења изготвени од два тима на машински и сообраќајни инженери. На последното рочиште судот донесе решение, по дадена согласност на сите странки, поради економичност и целисходност на постапка, сите досега изведени докази да се прочитаат и постапката да продолжи со увид во супервештачењата. Претходно пристигна вештиот наод од Бирото за вештачење и истиот им беше доставен на обвинителот и на обвинетите преку нивните бранители.
Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, а Техничкиот факултет во Битола, своевремено, дополнително извести и дека го вратиле предметот бидејќи нивните лиценцирани вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила. Од Кривичен, потоа, информираа дека контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што биле известени дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои не учествувале во претходните вештачења.