В недела ќе се гласа за градоначалници во 43 општини и за Скопје

Изборната кампања завршува вечерва. Партиите треба да ги завршат промотивните активности за вториот круг за неколку часа. Молкот ќе трае од вечерва на полноќ до недела во 19 часот, кога затвораат гласачките места. Во недела во вториот круг ќе се гласа во 43 општини и во Град Скопје додека за градоначалник ќе се прегласува на избирачко место во Дебар и за општинскиот совет во избирачко место во Шуто Оризари. Право на глас во недела имаат 1 милион 353.990 гласачи на 2.481 избирачко место, откако Управниот суд по претставки од политички партии го поништи гласањето на две избирачки места.
Утре гласаат болните, изнемоштените, затворениците и лицата со решение за изолација. Во првиот изборен круг кандидатите за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ победија во 22 општини, на СДСМ во 9 и на ДУИ во 3.
Во две општини постапката треба да се повтори. Во Маврово-Ростуше и Центар Жупа не беше исполнет законскиот цензус кој предвидува излезност од најмалку 1/3 од запишаните избирачи. Собранието ќе треба да распише нови избори за градоначалник во овие две општини. На 17 октомври во Маврово-Ростуше гласаа 32 отсто, а во Центар Жупа само 25 отсто од вкупниот број на запишани граѓани со право на глас. Ова се инаку први избори на кои се користат уреди за идентификација на отпечатоците. Во текот на првиот круг беа утврдени одредени пречки кои предизвикаа продолжување на времето на гласање на некои избирачки места.
Фатлуме Дервиши