В среда самит ЕУ-Западен Балкан

Лидерите на Западен Балкан и на Европската Унија утре (17 декември) во Брисел ќе разговараат за понатамошната интеграција на регионот преку Планот за раст, како и за надворешни, безбедносни и миграциски прашања.
Средбата со лидерите на Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Северна Македонија, Косово и Црна Гора е можност да се разговара за „нов моментум“ за стратешкото партнерство меѓу Европската Унија и Западен Балкан, како да се продлабочи и да се придвижи кон заедничка иднина во Европската унија, според Европскиот совет.
Главните теми на самитот ќе бидат зајакнување на интеграцијата на регионот и ЕУ преку Планот за раст, продлабочување на политичкиот ангажман на ЕУ во регионот во повеќе области, вклучително и надворешната и безбедносната политика, како и зајакнување на економиите и ублажување на влијанието на војната во Украина.
Лидерите ќе разговараат и за соработката за управување со миграцијата и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
За време на вечерата, се очекува да се разговара за геополитичкиот контекст и предизвиците што ги засегаат и ЕУ и Западен Балкан.