Вакцинацијата продолжува, намален бројот на хоспитализации и заразени

Досега околу 19 илјади граѓани се вакцинирани против Ковид 19, а околу 140 илјади други изразиле интерес за тоа. Вакцинацијата на ранливите категории продолжува во арената А1 во Скопје. Припадниците на армијата и полицијата веќе се вакцинирани со првата доза Спутник, додека вакцинацијата на наставниците кои работат со физичко присуство во училиштата, како и на здравствените работници е во тек.
Министерот за здравство, Венко Филипче, информираше денеска дека бројот на хоспитализации е намален последните денови. Намален е и бројот на нови случаи.
„Деновиве е намален бројот на хоспитализации. Справувањето со овој трет бран кој е многу силен е исклучително тешко, не само кај нас, туку насекаде во Европа. Според епидемиолошките анализи, факторот е паднат под 1 и се надеваме дека ќе остане така. Остануваме претпазливи, вирусот е непредвидлив и подмолен.”
Во моментов, вакцинацијата се спроведува со дози на Астра&Зенека за лица над 77 години и со руската вакцина Спутник за категоријата вработени во државната инфраструктура за кои се смета дека се изложени на ризик од инфекција.
Vjollca Aliti