
Контингентот од 10 илјади вакцини Фајзер се очекува да пристигне вечерва од Бугарија. Здравствените власти очекуваат втората пратка со уште 10 илјади дози да пристигне една недела подоцна, односно на 26 април.
Вакцините „лека-полека“ стигаат, власта на друга мака – сензибилизирање на граѓаните да се вакцинираат
Вакцината на американско-германскиот производител доаѓа преку Софија само како транспортна логистика бидејќи снабдувањето со овие вакцини се врши преку директно купување. Од Министерството за здравство велат дека до крајот на месецов се очекува да пристигнат уште 200.000-те кинески вакцини за процесот на имунизација да може да продолжи без прекини.
Министерство за здравство
„Вакцините од Фајзер и БионТек… ќе бидат ставени во системот за вакцинација и ќе бидат наменети за сите граѓани кои се вакцинираат врз основа на нивната возрасна група во согласност со Националниот план за имунизација.“
Обезбедувањето вакцини веќе не е проблем, па проблем за здравствените власти сега останува како да се сензибилизираат граѓаните доброволно да се пријават за вакцинација. Директорот на Клиниката за пулмологија Дејан Докиќ најавува дека Националниот план за имунизација може да претрпи измени во зависност од пријавувањето.
До денеска се вакцинирани околу 39.000 граѓани. Од нив околу 14 илјади примиле прва доза од Aстра Зенека. Од неа се останати помалку од 10 илјади дози и уште околу 3 илјади од руската вакцина Спутник V. Од кинеските Синовак има уште илјада. Бројот на граѓани кои досега се пријавиле да се вакцинираат изнесува над 177 илјади.
Аднан Ќаили