ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Вал: Судиите и обвинителите имаат многу мала доверба во нивните совети

Вал: Судиите и обвинителите имаат многу мала доверба во нивните совети

Новинарка: Господине амбасадор, Ви благодарам многу што сте тука вечерва за ова интервју. Мислам дека ова Ви е прво интервју за Алсат.

Advertisements

Амбасадор Вал: Да, така е. Ви благодарам за поканата и добра вечер.

Новинарка: Ви благодарам. Неделава, Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја поддржа промоцијата на Проценката на ризиците од корупција која е поврзана со правосудството во Северна Македонија. Кои се, според Вас, најважните резултати?

Амбасадор Вал: Да, мислам дека она што е најважно да се сфати во однос на оваа Проценка на ризиците од корупција е дека таа поглед одвнатре во системот, поглед одвнатре во правосудството. Ги прашавме судиите и обвинителите како тие се чувствуваат во врска со корупцијата, како гледаат на корупцијата и што тие сметаат дека се најголемите ризици од корупција. Значи, се работи за поглед одвнатре, поглед на практичарите. Добивме голем број одговори кои ги оценивме како ветувачки. Повеќе од 50 % од судиите и обвинителите ни одговорија. Тоа ми кажува дека нема негирање и сметам дека тоа е првата добра вест поврзана со оваа Проценка на ризиците од корупција која ја спроведовме. Сега во однос на методологијата, се користеше анонимно истражување и тоа беше пропратено со интервјуа за да немаме само квантитативни податоци туку и квалитативни податоци за да може да навлеземе подлабоко во прашањата. Судиите и обвинителите идентификуваа надворешни и внатрешни ризици и истите ги рангираа. Најзастапените предизвици идентификувани од страна на судиите и обвинителите се: Прво, и тие се согласуваат со ова, пристрасни вештачења. Второ, злоупотреба на процесните права на адвокатите на одбраната. Трето, низок квалитет на обвинителните акти. Четврто, недоволната соработка меѓу јавните обвинителства и другите истражни органи.

Новинарка: Што Ви кажуваат резултативе? Што сме, каде сме во однос на корупцијата во правосудството?

Амбасадор Вал: Како што реков, мислам дека нема негирање на тоа. Кога ќе го прочитате документот, кога ќе погледнете подетално, се добива увид во тоа каде треба да одговориме, во која насока треба да се упатиме против овој негативен феномен. Она што загрижува во Проценката за ризик од корупција е тоа што и судиите и обвинителите имаат многу мала доверба во Советите; Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Повеќе од 50 % од испитаните судии и јавни обвинители немаат доверба во овие важни институции. Мислам дека тоа треба сите да нѐ загрижува. Но, мислам дека има и позитивен елемент, а тоа е дека и судиите и обвинителите веруваат дека постојните антикорупциски механизми, како што се: автоматскиот систем за управување со случаи како и дигитализацијата на правосудството кои даваат резултати. Тоа се гледа како нешто позитивно.

Новинарка: ОБСЕ има поддржано сличен извештај и студија во 2009 и имате направено споредба на овие две студии. Што може да изведеме од споредените податоци?

Амбасадор Вал: За мене беше навистина интересно да ги погледнам и прочитам двете истражувања и од 2009 и од годинава. Има мали измени, видовме позитивен развој; има помало надворешно влијание и притисок од извршната власт, помало влијание од политички партии и политичари…

Новинарка: Интересно…

Амбасадор Вал: Да, навистина интересно. Не се работи за развој од големи размери, но сепак е позитивен развој. Од друга страна, пак, гледаме дека има зголемен притисок одвнатре од колеги и тоа е нешто што загрижува. Но, најголемата научена лекција за мене по читањето на двата документа е дека нештата не се смениле многу. Треба да се обрати внимание на тоа. Поминати се 14 години од претходната Проценка и оттогаш во земјата се воведени многу антикорупциски механизми, затворивме многу дупки, имаме национални антикорупциски стратегии. Во секој случај, се чини дека напредокот може да биде подобар.

Новинарка: Кој е патот напред, со оглед на овие резултати?

Амбасадор Вал: Сега треба да внимателно да се анализираат резултатите. Има многу конкретни поенти кои се истакнати од страна на судиите и обвинителите соодветно и оттаму да извлечеме научени лекции. Нашите политики во иднина треба да се прилагодат врз основа на ова, гледаме каде се точките на притисок, гледаме што треба да се направи. Според мене, најголемата одговорност лежи кај правосудните институции во земјата, а Мисијата на ОБСЕ е тука за да помогне во овие процеси и всушност ние помагаме. Побарав од мојот тим внимателно да ги разгледа и да одреди каде може уште подобро да ѝ помогнеме на земјата во борбата против корупција во иднина.

Новинарка: Дали ќе го споделите овој извештај со државните институции и дали ќе побарате поголеми напори од нив во борбата против овој феномен?

Амбасадор Вал: Апсолутно. Ова е резултат на заедничка работа со Државната комисија за спречување корупција како и со Здружението на судии и Здружението на јавни обвинители. Секако, го споделив со Владата, Министерството за правда од каде што има позитивен одговор и не се сомневам дека ќе продолжиме напред на еден системски начин.

Новинарка: ОБСЕ и други меѓународни организации се посебно заинтересирани за тоа како нашите институции ја водат борбата против корупцијата. Дали мислите дека напорите на нашите институции се доволни во борбата против корупција?

Амбасадор Вал: Изгледа дека има политичка волја за борба против корупцијата. Во Мисијата сум шест месеци, зборував со сите политички партии и не се сомневам дека има политичка волја и сериозност за борба против овој негативен феномен. Дали може да направиме повеќе? Да, би рекол дека може да се направи повеќе. Од една страна видовме дека Северна Македонија е рангирана повисоко според Индексот за корупција на „Транспаренси интернешнл“ и тоа е позитивно и покажува дека има напредок. Од друга страна, гледаме дека според истражувањата на јавното мислење довербата на населението посебно во правосудството е многу ниска. Како што реков, нема негирање дека постојат сериозни предизвици и сите треба да ги засукаме ракавите и да ги зголемиме нашите напори.

Новинарка: Како може ОБСЕ да ни помогне во борбата против корупцијата?

Амбасадор Вал: Мислам дека помагаме во многу различни аспекти. Имаме стратешки партнерства со Државната комисија за спречување корупција, даваме поддршка во нејзината работа. Работиме со Академијата за судии и јавни обвинители, придонесуваме во изготвувањето на новиот Кривичен законик и на новиот Закон за кривична постапка. Ги зајакнавме регулативите поврзани со свиркачите во државата. Имаме помогнато и сѐ уште помагаме во обучувањето судии, јавни обвинители, полицајци. Ја поддржавме дигитализацијата на судовите и ова е еден од елементите кои според истражувањето е позитивен, дава надеж. Но, мислам дека може да се направи уште во оваа област и може исто така да ја зајакнеме етиката во овие области. Во фаза на подготовка се наоѓа и нов Прирачник за јавните обвинители. Значи, голем спектар на активности со кои ѝ помагаме на Северна Македонија да се бори против овој негативен феномен.

Новинарка: Веќе неколку години се најавува процесот на ветинг. Дали ветингот на службениците, судиите, јавните обвинители е насоката во која треба да се движиме напред. Дали имате надеж дека може да спроведеме добар ветинг?

Амбасадор Вал: Ветингот е многу сложен процес. Кога се зборува за ветинг треба да се разбере дека, понекогаш имам чувство дека во овдешниот јавен дискурс во однос на ветингот е премногу површен. Можеби перцепцијата е дека ако се спроведе ветинг е исто како да се притисне копче за повторно стартување и дека се избришала корупцијата. Сум бил сведок на ветинг во Босна и Херцеговина, во Косово, во Албанија и во сите овие земји тој беше различен. Гледам со резерва во однос на неговата делотворност. Од друга страна, треба внимателно да се има предвид дека начелата на независност на судството и автономност обвинителството се високи вредности во една демократија и во поделбата на власта. Ако се спроведе ветинг, не сум против ветинг, тогаш треба да се спроведе по една темелна проценка зошто тековните механизми не функционираат. Таквата проценка треба да биде bona fide. Потоа, дали целосен ветинг е вистинскиот одговор или дали би се спровел за да ги зајакне или спроведе постојните мерки за интегритет бидејќи јасно е дека самиот ветинг нема да заврши работа. Она што е потребно за да се отстрани корупцијата на еден одржлив начин се редовни мерки за интегритет и редовни проверки за интегритет како и зголемување на транспарентноста и отчетноста.

Новинарка: Мислите дека нашите службеници го имаат ова на ум, да спроведат ваква анализа кога ветуваат ветинг?

Амбасадор Вал: Немам поинакви индикации. Сигурен сум дека кога ќе дојде време за конкретни дејства од страна на Владата таа ќе ја праша нашата Мисија или ОДИХР, оттаму имаат голема експертиза на оваа тема и сигурен сум дека со задоволство ќе ѝ помогнеме на Владата во идентификувањето на тоа дали ветингот е вистинскиот инструмент кој треба да се спроведе во овој период.

Новинарка: Ќе направиме кратка пауза по која повторно се враќаме назад.

Новинарка: Господине амбасадор, сега позборуваме на друга тема. ОБСЕ/ОДИХР го следи секој изборен процес во Северна Македонија и дава препораки за ажурирање на законодавството. Првата препорака која ја давате е нов Изборен законик. Што правите за да создадете политичка волја за нов Изборен законик со оглед на тоа што ако одиме во оваа насока нема да го имаме подолг период?

Амбасадор Вал: Јас сум поголем оптимист за разлика од Вас. Секако, дел од мојата работа е да разговарам со политички лидери, граѓанското општество и други релевантни актери како и со колегите од Варшава, од ОДИХР, со цел да се предложат изборни реформи. Во моментов имаме работна група формирана од страна на Министерството за правда и има два различни процеси. Прво, големата политичка дискусија за бројот на изборни единици. Ова е политичка дискусија која треба да се води помеѓу политичките партии овде во Северна Македонија. Другиот процес е она што се нарекува препораки од ОБСЕ/ОДИХР. Овие препораки се резултат на, како што рековте, на мисиите за набљудување избори и тие се повеќе од техничка природа. Веруваме дека земјата може да се движи напред со спроведувањето на препораките од ОБСЕ/ОДИХР, а во исто време да ја води дискусијата за изборните единици која е важна да се има. Но, едното не го исклучува другото. Имам индикации и уверувања од политичките лидери овде во земјата, вклучително и од опозицијата, од г-н Мицкоски, дека штом овие технички препораки од ОБСЕ/ОДИХР дојдат до Собранието ќе бидат изгласани. Немам индикации во овој временски период дека тоа нема да се случи. Знам дека има тековни дискусии, па останува да видиме.

Новинарка: Дали сте информиран за дискусиите?

Амбасадор Вал: Да, лично сум информиран и продолжувам да остварувам контакт како дел од мојата работа, а и во работната група имаме набљудувач од ОБСЕ.

Новинарка: Секако, крајната одлука е на политичките партии. Но, кога зборуваме за изборниот модел во Северна Македонија, дали мислите дека една изборна единица и отворени листи на кандидати се добар модел за Северна Македонија?

Амбасадор Вал: Не постои стандард на ОБСЕ поврзан со ова. Не можам ништо да препорачам. Тоа е нешто што целосно зависи од Северна Македонија, самата да одлучи каков изборен систем сака да има.

Новинарка: Финансирањето изборни кампањи и финансирањето политички партии се други два проблеми за кои ОБСЕ/ОДИХР пројавува интерес веќе подолго време. Би сакала да Ве прашам како политичките партии го злоупотребуваат постојниот закон?

Амбасадор Вал: Она што го дознав кога ја презедов позицијата тука е тоа што имало критики од некои политички партии по последните избори дека нема еднакво поле за игра овде и како што рековте државни средства за изборни кампањи и реклами во медиуми, телевизии одат главно кај големите политички партии. Очигледно тоа не е добро. Во една функционална демократија, во добар изборен модел треба да се има еднакво поле за игра и ова е една од техничките препораки од ОДИХР/ОБСЕ која се надеваме дека ќе биде усвоена.

Новинарка: Да позборуваме за безбедноста. Русија има влијание на Балканот. Какво е прашањето со безбедноста во моментов по изминати година и неколку месеци од војната во Украина?

Амбасадор Вал: Северна Македонија е стабилна држава. Не мислам дека има проблеми во тој поглед. Ако ја погледнете Северна Македонија во последните 30 години, јас водам Мисија која постои 30 години во државата, ќе видите дека Северна Македонија од увозник на стабилност и безбедност стана извозник на стабилност. Таа игра многу важна улога, посебно овде на Западен Балкан. Гледаме дека има случувања во соседството кои се загрижувачки и би можеле да имаат влијание овде во Северна Македонија. Навистина ги ценам и поздравувам напорите на Владата, посебно на министерот за надворешни работи Османи, за негување добрососедски односи. Би сакал да го спомнам и неговиот план од девет точки кој го понуди како актуелен претседавач, но и како министер за надворешни работи на Северна Македонија со цел да се решат тековните прашања помеѓу Белград и Приштина.

Новинарка: Има надворешни обиди да се влијае на безбедноста во државата. Што треба да направат институциите за да ги спречат надворешните обиди за дестабилизација на државата?

Амбасадор Вал: Северна Македонија не е сама во ова. Мислам дека сите земји на глобално ниво се соочуваат со овој феномен. Според мене тоа е поврзано со дезинформации, погрешни информации и лажни вести и треба сите да ги зголемиме напорите во борбата против овој негативен феномен. Еден од одговорите е новинарство со добар квалитет, но и медиумска писменост во училиштата за граѓаните да разберат, младите веќе разбираат, дека не сѐ што ќе се прочита преку мобилните уреди е вистина. Секогаш треба да се изврши проверка од повеќе извори и проверка на информациите. Другиот елемент кој го гледам е зголемување на кибер-безбедноста. На крајот од минатата и почетокот на оваа година бевме сведоци на заканите со бомби и тоа се случи низ целиот регион, беше навистина интересно да се набљудува тоа и нѐ потсети дека постојат ранливости кои треба да се адресираат. Задоволство ми е што Министерството за внатрешни работи заедно со разузнавачките и безбедносните служби ги зголемија напорите во тој поглед.

Новинарка: Како би ги опишале изминативе месеци со претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ?

Амбасадор Вал: Северна Македонија претседава со ОБСЕ во многу, многу тешки времиња. Во моментов во Европа има војна која ги потресе темелите на организацијата. Многу е тешко. Имаме многу активен претседавач и му честитам на тимот и во Виена и овде за огромните напори при насочувањето на организацијата и водењето во овие тешки времиња. Мислам дека сѐ оди според планот. Секогаш ќе се сеќавам на следново; уште во вториот месец од мојот мандат овде кој почна во ноември минатата година и веќе во декември министерот за надворешни работи тогаш сѐ уште не беше претседавач ме праша дали би сакал заедно да погледнеме локации на кои би можел да се одржи Министерскиот совет една година подоцна. Тоа ја покажува неговата ангажираност, колку далеку гледа и тој го очекува ова и од неговиот тим. Фактот што земјава претседава со организацијата годинава е сведоштво за тоа колку далеку стигнала Северна Македонија.

Новинарка: Г-н амбасадор, знам дека ОБСЕ не е директно поврзана со ова, но мислите ли дека треба прво да имаме уставни измени или избори?

Амбасадор Вал: Би било навистина несоодветно од моја страна да одговорам на ова бидејќи ова е внатрешен процес. Јас сум гостин во оваа држава, јас сум Шеф на Мисијата и не ми е место да коментирам.

Новинарка: Г-н амбасадор, беше чест да се има ова интервју со Вас.

Амбасадор Вал: Ми беше задоволство. Ви благодарам на поканата.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button