Вархеј до ВМРО ДПМНЕ: Опозицијата да се освести

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеј упати остри критики до ВМРО ДПМНЕ. Зборувајќи за почеток на преговорите со ЕУ, во интервју за „Евроактив“, Вархеј вели дека ВМРО ги помина основните црвени линии на демократијата , дејствувајќи како опоизција против францускиот предлог. Како пример го споменува палењето на францускиот предлог на говорницата на Собранието.
„Ова треба да биде момент на освестување и за опозицијата. Палењето документи на пленарната седница, поттикнувањето луѓе на насилство и поттикнувањето омраза не носи ништо, само штета. Има многу јасни граници за европски начин на водење политика, многу јасни граници за цивилизирана политика, а моја оценка е дека многу од тие црвени линии опозицијата ги премина“, вели Вархеј.
Во ова интервју тој зборува и за преговарачкиот процес, подвлекувајќи дека Албанија покажа вистинска солидарност со Северна Македонија, како и зрелост во однос на тоа дека земјите-членки на ЕУ сакаат да ги видат Скопје и Тирана како одат напред. Но сега, според него, Албанија може да продолжи сама.
„Целиот процес на проширување се заснова на заслуги и сега трката е во тек, кој ќе остварува прв мора да има право да биде прв што ќе се приклучи. Сега треба да работиме многу, многу напорно за да можат земјите кандидати да ги забрзаат своите подготовки и нивната вистинска интеграција“, додава Вархеј.
Минатата недела се одржа првата меѓувладина политичка конференција меѓу Македонија и ЕУ. Во тек е скрининг процесот, по што треба да следува отворање на поглавјата – процес што ќе се случи откако Бугарите ќе бидат внесени во Уставот на државата.
Шкелзен Аќифи