Вчера хаос, денеска ни живо пиле пред Судот

По вчерашните гужви и редици и пред Граѓанскиот суд денеска речиси и да немаше луѓе кои поднесуваа молба за финансиска помош од државата за трето дете. Овие денови таму имаше гужви затоа што од 1 јануари до 31 овој месец трае рокот во кој родителите треба да се пријават за да ја користат оваа мерка и во текот на новата година. Станува збор за 9.000 денари месечно.
Ако изминативе денови имаше редици без да се почитува задолжителното растојание за заштита од корона вирусот, денеска граѓаните влегуваа во судот без проблем. Но, затоа, таму се случува една друга појава. За дел од граѓаните, формуларите ги пополнуваа лица кои чекаа пред судот, а се чини токму за таа намера.
При крајот на работното време во Граѓанскиот суд каде се поднесуваат молби за трето дете речиси и да нема гужва. Сепак, пред судот има лица кои им помагаат на граѓаните да ги пополнат барањата за финансика надокнада или наплаќаат по 50 денари од пријава.
Од Граѓанскиот суд посочија дека ги очекувале граѓаните и пријавите за трето дете. Убедуваат дека работеле пет шалтери во судот, а молба можело да се поднесе во текот на целиот месец. Очекуваат до крајот на јануари да пристигнат над 10 илјади молби. Дополнително од Граѓанскиот суд велат дека поднесените барања денеска, на граѓаните им ги издаваат веќе другиот ден. Изминативе денови кога настана хаос пред судската зграда, имало обиди од страна на судската полиција, но и судиите, да направат ред, но граѓаните не ги слушале апелите за дистанца која е задолжителна и на отворен простор.
Бојан Стојановски