„Веритас“ – Професори на Универзитетот во Тетово објавиле плагијат трудови, споменат и поранешен ректор

Седум професори кои во моментов предаваат на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Тетово, кои исто така се и во роднински врски, се обвинети од магазинот „Веритас“ за плагијат на нивните научни трудови. Според ова списание, нивните трудови се копирани од повеќе научни медицински списанија во различни земји во светот.
Според истото списание, станува збор за поранешниот ректор на УТ, Неџбедин Беадини, неговата сопруга Шеќибе Беадини, Албулена Беадини, Емира Беџети, Мирлинд Беџети, Дестан Халиди и Екрем Исмани.
И покрај нашите обиди да контактираме со споменатите професори, тие одбија да коментираат, со образложение дека Универзитетот во Тетово има надлежни тела кои ќе се занимаваат со проверка на трудовите.
Деканот на Медицинскиот факултет, Невзат Елези, вели дека овие трудови се во процес и не се завршени, но дека ќе бидат испитани и во случај да се потврди плагијаторство со над 30 проценти, тие ќе бидат одбиени.
„Меѓу нив тројца се мои кандидати кои имаат уште еден семестар за да дојдат тука, така што дипломскиот труд се обработува и пред да се достави до научно-наставничкиот совет, менторот треба да ја провери за плагијат и со процентот кој ќе произлезе од системот, научно-наставничкиот совет треба да провери дали е или не е плагијат. И ви ветувам дека ако излезе нешто дека има сличности или плагијат, научниот труд ќе биде вратен“, вели Невзат Елези Декан на Медицинскиот факултет.
Објавувањето на имињата предизвика бројни реакции, барајќи отчет од УТ за унапредувањата кои ги добиле со такви трудови. Претседателот на средношколците, Бленди Ходаи, рече дека она што се случува во УТ е академско злосторство.
„Имаше случаи кога згрешиле и при копирање, имаше случај на професор целиот научен труд да го изработил на “google translate“ и имаше големи грешки, а најсмешно беше што професорка која им предава на студентите по медицина преземала научен труд и само ги сменила имињата на Саудиска Арабија со Северна Македонија и градот Ријад со Тетово и вели дека трудот е нејзин“, вели Бленди Ходаи Претседател на УНСШМ.
Покрај обвинувањата за плагијат, списанието „Веритас“ во ова истражување, обвинува и за непотизам на Медицинскиот факултет каде што предаваат повеќе од три члена на едно семејство. Алсат се обиде да открие повеќе податоци за списанието Веритас, но официјалниот сајт не се отвораше, а на интернет не можеше да се најде ниту еден податок за уредникот на овој весник, Гафар Бајрактари.
Башким Сулејмани