Верушевски ќарува државен стан од кој се откажал

Присвојувањето на државниот стан како приватна сопственост од страна на поранешниот директор на УБК и актуелен советник на премиерот за национална безбедност, Зоран Верушевски е пријавено во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, како и во Комисијата за спречување на корупцијата. Од обвинителството накратко велат дека се преземени конкретни чекори и се чека конечен судски епилог.
„Според информациите со кои располагаме и записникот од преземените дејствија во граѓанскиот првостепен суд, обезбедена е информација дека еден од предметите е во жалбена постапка во второстепениот суд, додека за вториот предмет во времето кога побаравме информација во Управниот суд, имаше тековна постапка. По правосилните одлуки од овие судови, соодветниот обвинител ќе ги преземе потребните дејствија“, наведуваат од Обвинителството за организиран криминал и корупција.
Вчера Алсат ексклузивно ја објави пресудата на Граѓанскиот суд преку која Верушевски станал сопственик на државен стан 18 години откако се откажал од него. Според одлуката на судот, станот од 47 метри квадратни му е вратен на Верушевски со образложение дека инвестирал во него, а повикувајќи се на пресудата државата е должна дури и да му ги покрие сите правни трошоци. Станот го користел според службени должности, иако во Катастарот фигурира како државна сопственост. Но, законски неговата сопственост се држела во заложништво од Верушевски и тој само преку барање за повлекување на изјавата за отстапување на станот, успеал да си го добие 18 години откако ја вршел таа функција во МВР. За ваквата постапка на Верушевски и за одлуката на судот била информирана и Владата, но досега ништо не е преземено. Во моментов страните се во жалбена постапка пред Апелациониот суд.
Адриан Керими