Вештачката интелигенција главен предизвик за медиумите

Во медиумскиот простор во Македонија, особено кај онлајн медиумите владее голема конфузија. Коренот за тоа треба да се бара во актуелниот изборен законик. Кога ова охрабрување на нови медиуми не би постоело и кога постоечките медиуми и онлајн портали ќе се здружат во посилни новинарски тимови, односно нема да има „one man show“, медиуми зад кои не стои новинар, туку само препишувач, работите можат да се променат, вели Биљана Ѓеорѓиевска-извршна директорка на Совет за етика во медиуми.
„Тоа што кој како стигне завршува во новинарството, односно луѓе кои немаат никаква допирна точка се сметаат себеси за новинари, затоа што стојат зад пред се онлајн портали јас го гледам во еден голем недостаток во изборниот законик во земјава, кој охрабрува множење како печурки да растат нови онлајн медиуми само за да можат да аплицираат за пари од изборните кампањи за рекламирање на политичките партии“, вели Ѓорѓиевска.
Она што ќе биде главен предизвик за медиумите во иднина е употребата на вештачката интелигенција.
„Постојат многу предизвици, не само во регионот туку и глобално, кога е во прашање вештачката интелигенција. Таа нуди многу можности за новинарите и медиумите, но носи и многу ризици. Ризици од ширење дезинформации, говор на омраза, безбедносни прашања“, рече Џошуа Масаренти, регионален координатор на проекти во УНЕСКО.
„Зависно од тоа што сакате да постигнете. Доколку сакате кванитет на вести без квалитет, се разбира, вештачката интелигенција може да го замени новинарството. Но доколку сакате да продуцирате квалитетни информации, мора да го направите сами, затоа што и самата вештачка интелигенција не е безгрешна, таа може да произведе стереотипи, погрешни наводи, информации што збунуваат и содржини што погрешно насочуваат, Најчесто тоа се статистички пресметки, можности, а не критичко мислење. Значи се уште во многу аспекти не може да го замени вистинското новинарство“, оценува Лоренс Диригс-универзитетска професорка од Белгија.
Вештачката интелигенција може да биде многу корисна алатка, но нејзината употреба во медиумите мора да биде под одреден надзор.
„Околу тоа дали таа може да ги замени новинарите, се плашам дека сопствениците на медиуми сметаат дека може и дека тоа во иднина ќе биде уште поголем проблем за новинарите, односно нивната работа ќе се обиде да се замени со т.н вештачки роботи и тоа ќе донесе до сериозни проблеми во новинарството и така сме многу слабо платени и потценети. И се плашам дека ова ќе има влијание на таа сфера“, рече Гордана Новаковиќ-генерален секретар на Совет за медиуми во Србија.
Претставници на Советите за етика во медиумите од Западен Балкан и Турција, во Охрид дебатираат за предизвиците со кои се соочуваат медиумите во регионот, меѓу кои е и употребата на вештачката интелигенција.
Мики Трајковски