Ветеринарна комора пред колапс, бара итна интервенција од Владата
Ветеринарна комора пред колапс, бара итна интервенција од Владата

Финансиската состојба на ветеринарните друштва е алармантна. Нивниот опстанок е доведен во прашање, а тоа може да има несогледиви импликации врз сточарството, како и врз справувањето со актуелните и идни здравствени предизвици, предупредува Ветеринарната комора.
Поради ваквата ситуацијата, Комората уште еднаш реагираше со допис до премиерот Димитар Ковачевски и до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Преку дописот испратен во четвртокот, Комората потсетува дека „клучни причини за проблемите кои се закануваат со колабирање на секторот се ниските и нереални цени за активностите од јавен интерес кои за една деценија се минимално корегирани, како и доцнењето на отпочнувањето на активностите од јавен интерес во тековната 2022 година поради доцнењето на донесувањето на Годишната наредба за здравствена заштита на животните (донесена во мај 2022, а вообичаено се усвојува најдоцна до јануари) и последователно, изборот (преку јавна набавка) на овластена лабораторија за дијагностички испитувања, кој заврши во август 2022“.
Како што наведува Комората, ветеринарните друштва не реализирале никакви приходи по основа на извршени активности од јавен интерес, немаат никаква акумулација на средства и не можат да обезбедат ни минимални средства за исплата на личен доход.