ВЕСТИСВЕТ

(ВИДЕО) Невреме ја зафати Италија: Отсечено едно место, луѓето се евакуираат

По силното невреме со обилни врнежи и лизгање на земјиштето што го погоди северниот дел на Италија на крајот на минатата недела, продолжува евакуацијата на луѓето од се уште отсечениот град Коње во долината Аоста, а локалните власти зборуваат за големи штети во инфраструктурата.

Коњe, место со 1.300 жители, е отсечено откако поплавите го оштетија единствениот пат до туристичкото место во близина на границата со Франција и го прекинаа снабдувањето со вода. Хеликоптери за цивилна заштита превезоа околу 500 луѓе на безбедно во неделата, објави италијанската новинска агенција Анса.

Евакуацијата на туристите ќе продолжи и во текот на денешниот ден. Градоначалникот, Франко Алере, изјави за Анса дека околу 600 луѓе сè уште чекаат да бидат транспортирани до долината. Тој додаде дека од поплавите има големи штети на инфраструктурата.

Свлечиштето во долината Аоста привремено го блокираше пристапот до одморалиштето Цервинија. Поплавите предизвикани од надојдените планински потоци предизвикаа голема штета, за која заменик началникот Масимо Чатријан процени дека изнесува „милиони (евра)“.

Последиците од невремето со одрони и поплави се забележани и во северната италијанска провинција Пиемонт, каде што пожарникарите соопштија дека во последните два дена интервенирале 80 пати.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button