
Екипата на Порто му се приклучи на Клуб Бриж во осминафиналето на Лигата на шампионите од групата Б. Во првиот вчерашен натпревар од оваа група, Порто победи со 4-0 против Бриж во Белгија, а нивниот пласман беше обезбеден со ремито меѓу Атлетико Мадрид и Баер Леверкузен (2-2).
Драматичниот финиш од Мадрид играчите на Порто го гледаа во авионот на враќање од Бриж. Во авионот настана лудило откако Караско го промаши пеналот и кога стана јасно дека Порто избори пласман меѓу 16-те најдобри клубови во Европа.
Oitavos de final? Guardem lugar para nós💙#UCL pic.twitter.com/IoJ7oo8xVq
— FC Porto (@FCPorto) October 26, 2022
Атлетико двапати губеше од Баер Леверкузен пред своите гледачи со головите на Дијаби и на Хадсон-Одои, но се врати преку Караско и Де Пол. Во 99. минута беше досуден пенал за Атлетико по игра со рака на гостински играч, но Караско не го реализираше. Неговиот лош удар од белата точка го одбрани голманот Храдецки. Потоа Саул со одбиената топка ја погоди гредата./Makfudbal/