ВИДЕО: Што велат децата за нивното слободно време, игра и спортските и културни активности? Колку ги посетуваат и колку реално имаат слободно време?
Алтернативен детски извештај на Првата детска амбасада Меѓаши

Во рамките на изработката на „Алтернативниот извештај за состојбата со правата на децата во Македонија – од перспектива на децата“ на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, децата меѓу другото, ја истражуваа и темата „Слободно време, игра и спортски и културни активности“.
Овој извештај е комплетно изработен од страна на деца од 12 до 17 години од повеќе градови низ Македонија, а истиот доаѓа како резултат на наодите од истражувањето за состојбата на правата на децата кое претходеше во периодот јуни-јули 2020 година, а во кое учествуваа повеќе од 1000 деца ширум земјата, но и врз основа на нивното лично искуство и искуството на своите врсници.
„Слободното време, игра и спортските и културни активности“ е четвртата тема која се обработува во извештајот, а најголем дел од децата, односно повеќе од 64% сметаат дека слободното време им е ограничено поради премногу домашни задачи и други училишни обврски, но голем дел исто така и поради воншколски активности и обврски во семејството. Децата не учествуваат во спортски активности најчесто поради лошите економски услови особено во руралните области каде нема ниту спортски сали, ниту спортска опрема, но и високите цени за учество во спортски клубови, па за жал, во нашата земја учеството во спортски активности е привилегија само на одредена категорија на деца. Според истражувањето, процентот на оние деца кои редовно посетуваат културни настани е многу мал, односно само околу 15%.
Кои се правата на децата за оваа значајна тема, со кои проблеми најчесто се соочуваат и кои се нивните препораки за подобрување на состојбите, погледнете во ова кратко, интересно видео.