
Стотици илјади луѓе во австралиската држава Квинсленд останаа без струја откако ослабената тропска бура Алфред донесе силни ветрови, обилни врнежи и предупредувања за поплави.
Според податоците на компанијата за дистрибуција на електрична енергија Енергекс, околу 316.540 корисници во југоисточен Квинсленд останале без струја, а најтешко е погоден градот Голд Коуст – повеќе од 112.000 жители останале во мрак, пренесува Ројтерс.
Невремето го погоди брегот на Квинсленд во саботата како тропска бура со низок интензитет, при што најсилното влијание го заобиколи главниот град на државата.
Австралискиот премиер Ентони Албанес предупреди дека ситуацијата и понатаму е сериозна со поплави и силни ветришта што го погодија Квинсленд и северниот дел на Нов Јужен Велс.
Неговиот колега од Нов Јужен Велс, Крис Менс, рече дека се очекуваат дополнителни обилни врнежи, особено на северот на државата, при што реките Кларенс, Ричмонд и Твид се изложени на ризик од поплави.
„Околу 9.800 домови и деловни објекти во североисточниот дел на Нов Јужен Велс сè уште се без струја по силното невреме“, рече Менс на прес-конференција.