
Филипинските власти соопштија дека најмалку седум лица загинале како последица тропската бупа Евиниар, која ја погоди земјата за време на викендот, пренесуваат светските агенции.
Бурата Евиниар донесе силен ветер и силен дожд, поради што беа затворени аеродромите и поморските пристаништа на Филипините и предизвика прекин во снабдувањето со електрична енергија во земјата.
Според националната агенција за катастрофи 14-годишно девојче го загубило животот во јужната провинција Мисамис Ориентал, откако паднало дрво врз паркираното возило во кое се наоѓало. Агенцијата известува и за уште еден ученик кој е повреден.
Во провинцијата Кезон, источно од главниот град Манила, пријавени се шест мртви, меѓу кои двајца мажи на возраст од 56 и 22 години кои се удавиле и 39-годишен маж кој бил погоден од дрво, соопштила полицијата.
Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Јуниор денеска изјави дека невремето погодило речиси 27 000 луѓе и дека напорите за пребарување и спасување ќе продолжат. Тој извести дека за време на викендот била прекината работата на три воздушни и девет поморски пристаништа.
Евиниар е првата тропска бура што ги погоди Филипините оваа година. Во оваа југоисточна азиска земја се забележуваат просечно 20 бури годишно, кои често резултираат со обилни дождови, силни ветрови и смртоносни лизгања на земјиштето, наведува Ројтерс.